Чарлс и Камила одбраа француски специјалитет како официјален оброк за крунисувањето

by Fokus

Британскиот крал Чарлс и неговата сопруга Камила го одбраа „кишот“ за официјално јадење на церемонијата што ќе се одржи на почетокот на мај, објави Бакингемската палата.

Јадењето со спанаќ, боранија и тарагон е всушност француски специјалитет и ќе се служи на стотици заеднички ручеци низ Британија на Денот на крунисувањето, на 6 мај.

За време на крунисувањето на мајката на Чарлс, кралицата Елизабета Втора, главното јадење беше „пилешко со кари и мајонез“, кое сè уште е многу сакано кај Британците.

Палатата објави дека кишот е личен избор на Чарлс и Камила, сопругата на кралот, и дека јадењето „лесно може да се прилагоди на различни вкусови“.

Чарлс ќе биде крунисан во Вестминстерската опатија на раскошна церемонија според стогодишната традиција на која се поканети бројни шефови на држави и влади и високи личности.

„Кишот се прави од крцкаво, лесно тесто со нежен вкус на спанаќ, боранија и свеж тарагон. Се јаде ладно или топло со зелена салата и варени нови компири“, стои во рецептот што кралското семејство го објави на својата официјална веб-страница, заедно со видео од подготовката.

Бакингемската палата секој ден ги открива деталите за церемонијата, која ќе биде поскромна во однос на бројот на гости во споредба со крунисувањето на мајката на Чарлс, што делумно е одраз на модерното време и порастот на трошоците за живот.

Поврзани новости