Претседателот на ЗНМ, Младен Чадиковски денеска од новинарскиот протестен марш порача дека не може Владата да ја презема работата на новинарите, а владините функционери имаат потценувачки однос кон новинарските работници.
-Зошто денеска и зошто ќе продолжиме? За новинарството се работи, а работите дури и се влошуваат. Законите важни за медиумите не се спроведуваат, владините функционери имаат потценувачки однос кон новинарите и снимателите, а државниот пи-ар ја зема работата на новинарите снимателите, фоторепортерите, Владата создаде најголема редакција во државата.
Државните институции и нивните директори имаат проблем да сфатат дека не е транспарентност кога со денови чекате одговор, а добивате ПР памфлет за објава. Некој ме праша што протестирате кога немате затворени или убиени новинари, а ситуацијата е подобра отколку претходно. Така е, но излегуваме за да спречиме можност тенденциите кои претходно ги набројав да се преточат во несакани настани, рече Чадиковски.
Новинарите до Владата доставиле акциски план со точки и рокови за реализација на барања:
-Обезбедување услови за квалитетена и безбедна работа
-Достоинствени плати
-Имплементација на законите важни за медиумската фела и за независно работење на Јавниот сервис