Новинарите не треба и не смеат да бидат напаѓани поради нивната професија, а правосудните органи да ги процесираат нападите во најбрз можен рок, изјави претседателот на Здружението на новинари Младен Чадиковски, на одбележувањето на Меѓународниот ден за прекинување на неказнивоста на злосторствата против новинарите во Скопје.
– Новинарите во ова општество се чувари на јавниот интерес, новинарството е суштински еден од темелите на секое демократско општество, но за жал, имаме и многу непријатели. Честопати се соочуваме со вербални и физички напади, само поради вршење на свои професионални обврски додека на насилниците остануваат неказнети – рече Чадиковски.
Тој информира дека во соработка со новинарскиот Синдикат и Министерството за правда работат на измена на Кривичниот Законик, со цел нападите врз новинарите да се сметаат како напад врз службени лица, додека во соработка со Министерството за внатрешни работи работат на креирање на Протоколот за односи меѓу полициските службеници и медиумските работници за подигнување на безбедноста на новинарите и снимателите.
– Протоколот ќе претставува декларативно проширување на етичките кодекси на новинарите, а тоа значи дека ќе биде двонасочен, односно и на полициските службеници им се покажуваат заедничките заложби за овозможување соработка меѓу новинарите и полицијата. Само така може да сме сигурни дека во случај на напад врз новинар, институциите ќе реагираат на начин на преку кој ќе се најдат сторителите и потоа ќе бидат санкционирани – порача првиот човек на ЗНМ.