Професионалните новинари не треба и не смеат да бидат напаѓани поради вршење на нивната професија, нападите и заканите треба итно да се процесуираат, да се прошири надлежноста на Обвинителството да постапува по службена должност по кривични дела поврзани со напади на новинари и да се зголемат казните кон напаѓачите, се пораките кои ги упати претседателот на Здружението на новинари Младен Чадиковски, на денешната прес-конференција одржана по повод Меѓународниот ден за прекинување на неказнивоста на злосторствата против новинарите.
Тој нагласи дека напад врз новинар е напад на демократијата и слободниот говор. Тоа, како што рече, е недозволиво за земја која претендира наскоро да го почне преговорите за влез во Европската Унија.
Претседателот на ЗНМ нагласи дека оваа година споредено со минатите, новинарите често се соочуваат со вербални и физички напади само поради вршење на своите професионални обврски, додека насилниците остануваат неказнети. Важно е, како што посочи Чадиковски, да се истакне дека неказнивоста неминовно води кон самоцензура, го ограничува просторот за слободни медиуми и ја лишува јавноста од правото да биде информирана.
– Според статистиката на ЗНМ, од почетокот на оваа година бележиме вкупно 14 напади и груби закани кон новинари од кои повеќе од половината се кон новинарки. Споредбено, минатата година вакви инциденти имаше четири што значи дека оваа година нападите и заканите се три пати повеќе. Иако физичките напади се намалени, сепак, загрижува фактот дека се повеќе закани по животот кон новинарите се забележуваат на социјалните мрежи. Во оваа насока, дополнителнителни напори треба да вложи и Министерството за внатрешни работи со санкционирање на сторителите, а за посериозните случаи да бара од ОЈО да покренува кривични постапки, истакна Чадиковски.