Со промената на власта има поголема транспарентност и отчетност, но сè уште има проблеми со кои се соочувавме. Се уште има притисоци, навреди, закани од министри и далеку е од тоа да бидеме задоволни, вели претседателот на Здружението на новинари на Македонија, Младен Чадиковски во неделното интервју на Радио Слободна Европа.
-Самата смена на актуелната власт донесе една смена на односот кон медиумите, но повторно ќе речам дека таа не е доволно, доколку сметаме дека сакаме да имаме системски промени во медиумите. Да, има поголема транспарентност, поголема отчетност, тоа може да се забележи, но повторно ќе речам оние остатоци на проблемите со кои се соочувавме се уште се соочуваме. И денеска имаме министри кои се закануваат со тужби на новинари и денеска имате министри што квалификуваат медиуми на овој или оној начин и денеска имате министри што наместо да одговараат на новинарски прашања тие одговараат со контра прашање, најчесто во иронична смисла или во некоја друга смисла која би требало да го навреди новинарот. Тоа не е добро, така што односот кон медиумите може да добие некоја преодна оценка, меѓутоа далеку од тоа дека треба да бидеме задоволни. Вистинскиот тест допрва претстои кога треба да ги видиме реформите коишто треба да претстојат во медиумите и особено она за што ние со години се залагавме, тоа е да се раскинат врските и релациите на власта – бизнис центрите на моќ со медиумите на начин што медиумите може да бидат корумпирани, вели Чадиковски.