Државната комисија за спречување на корупција на денешната седница донесе одлука за отворање постапка дали е законски склучен договорот за јавно приватно партнерство меѓу Фондот за здравствено осигурување и специјалната болница „Жан Митрев“, односно дали е законски доделена лиценцата за вршење на дејноста.
Претседателката Билјана Ивановска предложи пред членовите да се покрене ваква постапка откако кардиохирургот Владимир Чадиковски поднесе оставка кратко откако Министерството за здравство го најави овој проект.
Членовите едногласно одлучија да се испита дали договорот е потпишан согласно Законот за здравствена заштита.
-Ова го заслужува нашето внимание – рече Ивановска и додаде дека ќе се проверува и дали има услови за прогласување еднострано раскинување на договорот бидејќи се поставува прашањето дали лиценцата ќе остане по оставката на Чадиковски.
Во меѓувреме дел од медиумите објавија дека Чадиковски е во преговори за негов трансфер во приватната болница Систина. Тој даде оставка необразложувајќи ги причините. Во изјава за медиумите откри само дека ниту ФЗОМ ниту болницата „Жан Митрев“ не ги почитувале своите обврски од договорот.
Иначу Чадиковски е единствен доктор кој има лиценца за вршење кардиоваскулани операции за деца под една година, поради што е нејасно како ќе продолжи јавното приватно партнерство со „Жан Митрев“.
Маја Васева