Европската Комисија го осуди и референдумот и насилството

by fokus

Според Уставот на Шпанија, вчерашното гласање во Каталонија е нелегално, но насилството никогаш не може да биде инструмент во политиката, соопшти денеска Европската комисија по вчерашните настани на референдумот за независност во кој полицијата употреби прекумерна сила против граѓаните кои сакаа да го остварат правото на глас.

Европската унија крвавите инциденти ги проследи со молк, а високите функционери во неколку наврати порачаа дека не сакаат да се мешат во внатрешните работи на Шпанија. Денеска Европската комисија преку соопштение до јавноста ги повика сите страни на дијалог.

„Повторуваме дека ставот што го застапува оваа Комисија е истиот законски став што го имала и претходната администрација на Комисијата. Доколку референдумот беше организиран во согласност со Уставот на Шпанија, тоа би значело дека тероторијата која ја напушта земјата би се нашла надвор од ЕУ“, додаваат од Комисијата.

Освен законскиот аспект, според Комисијата, ова е време за единство и стабилност, а не за поделби.

„Ги повикуваме сите релевантни страни брзо да тргнат од судир кон дијалог. Насилството никогаш не може да биде инструмент во политиката. Веруваме дека премиерот на Шпанија Маријано Рахој ќе го решава овој тежок процес со целосно почитување на шпанскиот Устав и основните права на граѓаните кои се содржани во него“, изјавија од таму.

Поврзани новости