Во соопштение до медиумите од Министерството за образование и наука се прогласуваат за ненадлежни да одлучуваат за случајот во основното училиште „Братство и единство“ во Охрид, каде директор им забранил на две ученички од осмо одделение да присуствуваат на настава затоа што имале шамии на главите.
„Ако постојат сознанија за постапување на директорот со кое по негова вина е нанесена штета на учениците, на нивните родители или на училиштето, училишниот одбор свикува седница на која се донесува заклучок во писмена форма кој се доставува до директорот. Понатаму во законот е регулирано дека во случај на евентуално постоење на прекршување на законите и оневозможување на остварување на правата на учениците, надлежност имаат покрај училишниот одбор, Државниот просветен инспекторат, градоначалникот и на крајот, по спроведена постапка од страна на другите органи, Министерството за образование и наука“, велат од таму.
Постапката започнала од Министерството кога до нив се обратил родител на две ученички со барање за мислење во случајот со неговите ќерки на кои не им е дозволено следење на настава во основно училиште поради носењето превез. Од МОН потврдуваат дека на директорот му било укажано дека во негова надлежност е да ја организира, планира и води работата на основното училиште и е одговорен за остварување на правата и обрските на учениците.
Но од таму негираат дека со дописот до училиштето му дале дозвола на директорот за било какво однесување. Потенцираат дека со укажувањето дека основното образование е задолжително, му сугерирале на директорот да ги врати ученичките на настава.
„МОН укажа на задолжителноста на основното образование и на надлежноста и одговорноста на директорот на училиштето за остварување на правата и обрските на учениците. При тоа, се подразбира дека сите граѓани се должни да го почитуваат Уставот и законите во Република Македонија, вклучувајќи ги и директорите на училиштата кои својата надлежност треба да ја вршат во рамките на позитивните правни прописи“, велат од МОН.