Пресуда од четири месеци затвор беше изречена за професорот, кој во декември минатата година со метален боксирач нападна ученик во струшкото средно училиште „Ибрахим Темо“.
Судот го прогласи за виновен за сторено кривично дело „насилство“.
Во изречената казна, ќе му биде пресметан и периодот поминат во притвор до правосилноста на пресудата.
Неговиот адвокат Сеад Мена најави жалба, со тврдење дека доказите не се објективно оценети.
На судското рочиште, сега осудениот професор Ерол Спахо кажа дека на случајот му претходел вербална расправија со негова колешка, мајка на повредениот ученик.
Тој посочи дека бил нападнат од ученикот во тоалетот, со тупаница на челото.
Инцидентот се случи на 23 декември минатата година во средното училиште „Ибрахим Темо“ во Струга.
По нападот од професорот, ученикот бил примен на Хирушкото одделение со повреда на главата, каде по извршеното шиење е пуштен на домашно лекување.