Бувљак пазар кај Маџари: Народот нема пари, се ценка за 10 денари!

by Fokus

Ако до пред шест години скопјани можеа да купат половни работи од Бувљак пазарот под Кале, тој веќе неколку години е преместен кај „Технометал Вардар“ во Маџари. Пазар на кој многу стечајци и невработени се обидуваат да извадат парче леб „колку да не се без ич“.

Таму може да се најде се и сешто – од носена гардероба, бела техника, до сувомеснати, млечни производи и колачиња. Од продавачите со кои поразговаравме, дојдовме до еден заклучок – луѓето во Македонија немаат пари за расфрлање и секогаш се обидуваат да поминат со поевтино.

Тука сум веќе две години. На овој пазар може се да се најде. Јас продавам сијалички и такви електронски работи. Ако се затвори некој дуќан, не викаат и ние ги земаме по евтина цена и ако во продавница тоа чини 100 денари, тука ќе го најдеш за 50. Работев и во Управен суд, ама сега сум само со ова зафатен. Што се однесува до живеачка, не можам да кажам дека се живее од ова. Со сила. Од кога почна короната нема ич работа, претходно можеше да има и по 50 евра денот промет. Се гледа дека луѓето немаат и пари. Но, на овој пазар се наоѓаат и квалитетни работи“, раскажува Мухамед Рушити, продавач со кого поразговаравме.

Повеќето од продавачите делат една иста мака – беспарицата ги натерала да дојдат тука и на „плус“ 40 степени и на минусни температури во зима, да однесат дома некој денар. Но, среќата не им се насмевнува секогаш и си одат дома со празни џебови.

Нема тука голема заработка. Одиме по канти и продаваме тука. Некој ми дава нешто поклон и така животариме. Претходно работев во Македонија Табак, немам пензија и само од ова живеам, немам друго. Народот нема пари, луѓето се ценкаат за 10 денари“, со тажен глас раскажува Дукиќ Рамадан, стечаец кој до последни.

Ваквите пазари се повеќебројни во градовите ширум Европа, а купувачите се среќни што такви има и кај нас – можат за евтино да си купат убави работи.

Има тука доста интересни работи кои се функционални. Цените се поволни и убаво е што постојат вакви места“, коментираат купувачите.

Овој пазар за половни работи е „отворен“ секој вторник, петок и недела, почнувајќи рано од 05 часот утрото, па се до попладневните часови.

Јорданчо Цветаноски

Поврзани новости