Бутелскиот градоначалник најави афера за Арсовска: Многу чудно зошто не ја менуваш трасата!

by Фокус

За помалку од две години од својот мандат како градоначалничка на Град Скопје, Данела Арсовска се скара со ВМРО-ДПМНЕ, со синдикатот на Водовод и синдикатот на ЈСО, како и со директорите на сите претпријатија за кои велеше дека се најдобрите за модерно Скопје, вели во својата објава на Фејсбук градоначалникот на Општина Бутел Дарко Костовски.

„Деновиве почна да се кара и со народот од општина Бутел, а според неа сите се виновни освен таа самата“, напиша Костовски, откако Арсовска одбива да се откаже од изградбата на булевар и згради во Бутел, и покрај протестите на граѓаните.

Тој ја обвинува Арсовска за политикантство, приватни интереси и отсуство на способност да се менаџира градот.

„Арсовска, ниту еднаш не ти посочив дека оваа улица која сега тебе ти е приоритет број 1 од твои лични причини е најголем проблем во нашата општина. Постојат многу поголеми кои треба да се решат. Заборави ли на ветувањата на граѓаните од Бел Камен и Кучевишка Бара за кои ти лично даде ветувања дека за 82 дена ќе ги решиш нивните проблеми?“, прашува Костовски.

Тој најави дека во понеделник на прес-конференција ќе објави скандал на Арсовска.

„Многу симтоматично зошто Арсовска инсистира да не ја промени трасата, а приватната фирма да ја изгради трасата која вети дека ќе ја ревидира пред изборите. Гледам и Арсовска се чуди како сум можел да бидам против нејзе, нека не се чуди воопшто, јас секогаш ќе бидам на страната на народот и моите сограѓани“ – порача Костовски.

Граѓаните на протестите, пак, велат дека нема да се откажат од дворовите, бидејќи ги легализирале, а не ги узурпирале, како што тврди Арсовска. Сепак, таа е децидна дека нема да отстапи од проектот за изградба на булеварот „Боца Иванова“ во Бутел и покрај отпорот на жителите на овој дел од градот, поддржани од градоначалникот Костовски.

Арсовска не попушта за изградбата на булевар и згради во Бутел

Поврзани новости