Неверување и гнев искажуваат голем број на велешани денес, откако се објави веста дека затворската казна на Ангелче Николов (31) од 18 години е намалена на осум години затвор. Станува збор за случајот кој ја потресе јавноста во декември лани, кога Николов под дејство на алкохол, возејќи двојно побрзо од дозволеното, на пешачки премин во Велес ја прегази 11-годишната Магдалена, која почина, а мајка и беше повредена.
Тој побегна од местото на настанот и се криеше неколку дена, по што се предаде на полицијата.
-Од дом исполнет со смеа, им остави на луѓето дом со плач и доживотна тага, каква правда е ова? Наместо како поука за сите кои возат пребрзо и дивеат по улиците, за сите кои одзеле невин човечки живот, да му се даде максимална казна, тој по неколку години пак ќе биде слободен граѓанин и ќе си продолжи со животот како ништо да не се случило – се дел од бурните реакции на разочараните граѓани, кои прашуваат како судиите ќе спијат мирно по оваа пресуда.
-И пред да се случи трагедијата со Магдалена тој леташе по улиците, беше опоменат од сограѓани многу пати, дека ќе одземе нечиј живот, што ете и се случи. Се однесуваше како никој ништо да не му може.
Уништи едно семејство, поради него го изгубија најмилото, и ова е шокантна одлука, да му се намали казна и пак за неколку години да го гледаме како дивее по улиците –реагираат граѓаните.
Како што потврдија од ОЈО Велес по несреќата, на Николов и во минатото веќе му биле изречени две прекршочни казни за забрана за управување со моторно возило поради алкохолизираност, кои не ги почитувал.
За местото каде пијаниот Николов го усмрти девојчето, граѓани кои живеат во близина тогаш раскажуваа дека со години укажувале дека таму се вози многу бргу, но ништо не се превзема, иако е во близина на училиште.
По несреќата, беше најавено поставување на легнати полицајци на местото. Од СВР Велес пак, за ,,Фокус” појаснуваа дека спорната улица имала обележани пешачки премини, а во план била изградба на крстосница.
Вики Клинчарова