Бурни реакции по трагедијата на ,,Партизанска”: Ќе се стави ли крај на дивеењето на улиците?

by Fokus

Под дејство на алкохол бил 20-годишниот Васо Ј. кој доцна синоќа во Скопје со возилото на татко му ја усмрти дизајнерката Фросина Кулакова (22) од Неготино. Тој немал возачка дозвола, и поминал на црвено светло.

Како што пренесуваат некои медиуми, станува збор за лице со проблематично однесување и кое зад себе имало повеќе прекршоци. Исто така, кратко пред да се случи несреќата, Васо Ј. на својот Инстаграм профил објавил фотографија на која позира со уште едно лице, во угостителски локал, со чаша вино во раката.

Настанот предизвика бурни реакции во јавноста и се бараат строги и неселективни казни за сите сторители на сообраќајни прекршоци, како и максимални затворски казни за оние кои предизвикале сообраќајки со смртни последици.

По повод настанот, се огласи и Основното јавно обвинителство.

Основното јавно обвинителство Скопје донесе Наредба за спроведување истражна постапка против едно лице осомничено за – Тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот од член 300 став 2 во врска со член 297 став 1 од Кривичниот законик.
Осомничениот 20-годишник, на 29=ти јануари, како учесник во сообраќајот на јавните патишта, управувал патничко возило „Пежо 207“ сопственост на неговиот татко по десната сообраќајна лента од булевар „Партизански Одреди“.
Меѓутоа, не се придржувал кон прописите и со тоа го загрозил јавниот сообраќај. Автомобилот го управувал без возачка дозвола и под дејство на алкохол со 0,82 промили присуство на алкохол во урина, со што го довел во опасност животот на луѓето.
Кога дошол пред обележан пешачки премин на крстосницата со улица „29-ти Ноември“, не ја приспособил брзината на движење на возилото спрема својствата и состојбата на патот и сообраќајот и другите сообраќајни услови за да може навремено да го запре возилото пред секоја пречка.
Пред пешачкиот премин регулиран со семафори кои за време на незгодата работеле исправно, продолжил со движење на вклучено црвено светло на семафорот и со предниот лев дел од возилото удрил во телото на пешакот-жртва Фросина Кулакова, која на обележан пешачки премин попречно ја преминувала коловозната лента. Од ударот оштетената се здобила со тешки телесни повреди од кои на лице место починала.
Јавниот обвинител до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје достави предлог за определување мерка притвор за осомничениот, соопштија од ОЈО.

По трагедијата, на социјалните мрежи се споделува објава во која граѓани повикуваат на мирен протест на местото каде загина младата девојка, утре во 13.30 часот, кај ,,Силбо” на ,,Партизанска”.

Вики Клинчарова

Поврзани новости