Младата Спасија Динковски, која живее во Англија, а чија мајка е по потекло од Македонија, деновиве се најде во голем број на британски електронски медиуми, кои известуваат за неверојатните кулинарски специјалитети кои се продаваат во нејзиниот новоотворен локал во Лондон „Мистик бурек“.
Со натпис испишан на македонски јазик „Добро дојдовте дома“ таа го привлече вниманието на балканците во Лондон, но и на останатите тамошни жители, со традиционалните балкански специјалитети кои ги нуди во локалот.
Како што раскажува самата во едно од видеата снимени за британските медиуми, таа започнала да прави и продава бурек во 2020 година, кога беше актуелен карантинот поради ковид пандемијата. Рецептите за повеќе балкански специјалитети ги пронашла во старата тетратка на баба и, и на почеток воопшто немала намера да започне бизнис со храна.
„Штотуку се отвори мојот локал во Лондон, а името `Мистик бурек` доаѓа од филмот `Мистик пица` со Џулија Робертс, кој многу го сакав како дете, па дури и сакав да работам во пицерија.
Еден период живеев во Њујорк, и ги гледав пицериите кои беа слични на бурекџилниците во Македонија, работеа 24 часа, сите беа добредојдени, брза услуга, забава, и на тој начин се роди идејата, да го ставам на некој начин бурекот во кутија за пица.
За време на карантинот ми беше здодевно, па ја отворив тетратката со рецепти на баба ми. Ја немав отворено откако таа почина, и ја отворив токму на страницата со тесто и филови за него, па размислував што друго би можела да ставам внатре во тестото, ми дојдоа разни варијанти во мислите.
Немав никакви планови да започнувам бизнис, но како и многу други во тој период, ми требаа пари, па започнав со работата“ – раскажува таа.
Во видеото се гледаат разни специјалитети приготвени со тесто за бурек, кои се нудат во локалот, а како што раскажа Спасија, планирала да приредува вечери со балкански амбиент, мусака во недела и слично.
Вики Клинчарова