Долго размислував, не беше лесна одлуката но, подготвена да ги сносам сите последици. Ја донесов со искрена мисла дека вака повеќе правам, барем блокирам едно место за вештачки опозиционер, вели за „Фокус“ Љубица Буралиева од СДСМ која е една од трите пратенички што решија да останат во Собранието и покрај одлуката на опозицијата да се бојкотира законодавниот дом.
– Искрено верувам и посакувам, како поголемиот демократски настроен дел од народов или граѓаните на оваа земја, за уривање на режимот, и не е спорно дека бојкот е неопходен, но, и ние новоизбраните требаше да бидеме слушнати, да се прифати дел од нашите размислувања за начинот на бојкотирање. Изборниот процес беше нерегуларен,тоа е јасно,но резултатите се тие. Новоизбраните имаат капацитет, но бојкотот да го водиме во институцијата која ја признаваме „по потреба“ и да го искористиме законскиот рок и да не дозволиме Груевски да создаде опозиција по негова мерка.
Мојот став го кажав уште на првата средба по конгресот, став кој се совпадна со многумина од колегите пратеници, но малку задоцнето зашто највисокиот партиски орган веќе ја донесе одлуката по која ние немавме можност да се изјасниме – вели Буралиева.
Покрај неа, во Собранието ќе влезат Роза Топузова-Каревска од ЛДП и, според пишувањата во медиумите, Солза Грчева од СДСМ.