Капитенот на шпанската фудбалска репрезентација Алваро Мората се закани дека ќе ја напушти репрезентацијата поради „бесмислените критики“ во јавноста.
Мората реши да го крене гласот во пресрет на полуфиналето на Европското првенство во Минхен каде неговата Шпанија ќе игра против Франција во вторник (21.00 часот), надевајќи се дека ќе ги замолчи критичарите.
„Ова можеби е мојот последен турнир за Шпанија. Можноста е да не зборувам премногу, но многу е можно тоа да се случи“ изјави Алваро Мората за „Ел Мундо“ и со тоа го подигна духот на Пиринеите.
Додека многумина сметаат дека Мората не требало да зборува на оваа тема пред решавачкиот натпревар во Германија, други го поддржуваат што си ја отворил душата и признал дека го повредиле свирежите на навивачите.
Тој со години трпи критики од шпанските навивачи, особено во 2019 година, а се сеќаваме и дека трпеше навреди на претходното Европско првенство. И покрај се, тој издржа и остана во тимот поради посебен разговор со тренерот Луис де ла Фуенте, каде што стана капитен.
„Во Шпанија ми е тешко да бидам среќен. Без сомнение, посреќен сум кога играм во странство, а тоа сум го кажал многупати досега. Пред се затоа што луѓето ме почитуваат таму. Во Шпанија немаат почит кон никого“, си ја отвори душата Мората и објасни што се случи на мечот против Германија во полуфиналето на ЕП.
„Луѓето велеа дека плачев на теренот затоа што добив жолт картон. Какви глупости… Плачев за мојата земја, чиј капитен сум јас, затоа што отиде во полуфинале. Никогаш не би си дозволил да критикувам некој за такви солзи, но ме критикуваат, а сега би ја отсекол раката само за да го освојам Европското првенство, бидејќи тоа би можело да биде моето последно за националниот тим“, додаде Мората.
„Можеби еден ден ќе им недостигам. Секој ден сум се поблиску до одлуката да заминам, затоа уживам, затоа плачам што и да се случи, било да е добро или лошо“ рече тој.
Алваро Мората изјави дека му е тешко да гледа како неговите деца читаат и слушаат критики на негова сметка, кои не ги ни заслужил, па сериозно размислува повторно да замине во странство. Тој веќе беше во Јувентус и Челзи, додека сега го поврзуваат со Милан и неговите шанси се зголемуваат бидејќи „росонерите“ се откажаа од Циркзе. Но, и Атлетико Мадрид ќе се прашува …
Мората досега одигра 78 натпревари за Шпанија и постигна 36 голови, а на ЕП во Германија покажа одлична соработка со Ламин Јамал и Ник Вилијамс кои играат по крилните позиции.