Фолк пејачката Благица Калева завчера вечерта гостуваше во ревијалниот дел на 37-то издание на Фолк Фест Валандово, а нејзината изведба ги трогна валандовчани. Плачеше публиката, плачеше и Благица на сцената.
Бура од емоции ја совладаа уште при првата песна, кога нејзината внука Софија се качи на бината и и подаде букет цвеќе. Иако на почеток се обидуваше да ги скрие солзите, сепак како течеше настапот, таа не можеше да се воздржи, па продолжи со солзи и песна истовремено пред бројната публика.
За Калева, валандовчанка која живее во Струмица, нејзините сограѓани велат дека токму реченицата солзи и песна, најдобро го опишува тешкиот пат кој таа го изоди. Трагедијата која и се случи пред околу 20 години, кога во сообраќајна несреќа ја изгуби ќерката Викторија и сопругот Костадин, го одбележа нејзиниот живот. Остана сама да се грижи за ќерката Марија, а две години по трагедијата се врати на сцената со баладата ,,За моите очи четири”. Тогаш го освои првото место на Фолк Фест Валандово, а потресната песна посветена на ќерката и сопругот ја отпеа само тогаш, и никогаш повеќе.
За ќерката Марија, која е мајка на Софија и Виктор, секогаш раскажува дека била нејзиниот мотив да продолжи понатаму.
-Горда сум на мојата Марија. Веќе е возрасна личност, свој човек, сопственик на едукативниот центар ,,Академика’’ и професор по англиски јазик. Среќна сум што ја израснав во одговорна и прекрасна млада жена, покрај се што ни се случи. Таа е мојот мотив да продолжам понатаму, да бидам корисна во ова општество, да продолжам со тоа што отсекогаш сум умеела да го правам – да продолжам со песната- изјави Благица во Интервју за ,,Фокус” од пред седум години.
Потоа, во 2018 година на Валандово Фест настапи со песната ,,Горда мајка” која и ја посвети на Марија, и со неа победи на фестивалот.
И завчера пред публиката во Валандово ја изведе песната за Марија, која дојде на сцената и се прегрнаа.
На стиховите ,,Страшни бури дојдоа, од корен ме сотреа, горки солзи проголтав, животот го прегрнав. Жена сум, а силна сум, што сум мајка горда сум, посилна од темнина, ти си моја светлина” никој не остана рамнодушен, и целата сала со огромен аплауз и ја даде поддршката на Калева.
Велат дека храброста на еден човек се мери според тоа како се носи со тешките животни ситуации, а Благица која и покрај трагедијата повторно собра сили да се врати на сцената и лавовски да се бори да и обезбеди среќен живот на Марија, за валандовчани е синоним за мајка – храброст.
На крајот на настапот, таа емотивно и се обрати на публиката и им се заблагодари на своите валандовчани за секој глас кој го дале за неа на фестивалот, и за тоа што секогаш и биле огромна поддршка додека минувала низ тешките животни бури.
Изминатиот период има редовни настапи со групата ,,Фигаро Бенд”, а редовна гостинка е и на хуманитарни настани. Пред неколку години, кога беше учесничка на хуманитарен концерт, за ,,Фокус” изјави дека откако и се случила трагедијата, многу подобро ја сфаќала тежината на трагедиите на сите луѓе, и секогаш на свој начин, преку песна се трудела да помогне каде што може.
-Се што ми се случи во животот, направи да се зајакне мојата хуманост. Дури откако човек ќе се најде во очи со некоја трагедија, тогаш ја сфаќа многу подобро целата тежина на трагедиите на сите луѓе. Тука сум секогаш кога треба за да пружам моја поддршка и помош на сите ранливи категории на граѓани. Пејам на хуманитарни концерти, помагам на свој начин, со песна- ни изјави таа за време на хуманитарен концерт пред неколку години во Струмица.
Инаку, завчера на Фолк Фест Валандово победата ја однесе 19-годишната Ангела Влинтовска со песната ,,Темјана”.
Се изведоа 20 новокомпонирани фолк песни, а со аплауз му се оддаде почит и на Костадин Костадиновски, еден од творците на фестивалот и негов долгогодишен уметнички директор, кој почина завчера на 88-годишна возраст.
Вики Клинчарова