Бунтовник со потекло од хрватски Угљан-кој е новиот претседател на Чиле?

by fokus

Пред четири месеци, анкетите не му даваа никаква шанса на триесет и петгодишниот Габриел Бориќ кој победи на претседателските избори во Чиле. Бориќ тогаш беше едвај доволно стар за воопшто да се кандидира, а сега на 11 март следната година ќе стане најмлад претседател во историјата на Чиле.

Освои повеќе гласови од било кој претседателски кандидат во историјата и во, до крај, неизвесната трка го победи кандидатот на крајната десница, Хозе Антонио Каст. По повеќе од 99 отсто преброени гласови, Бориќ, кој ја води левата коалиција со Комунистичката партија, имал 55,86 отсто гласови, во споредба со 44,14 отсто гласови, колку што доби неговиот ривал, кој го призна поразот.

-Не е важно дали сте гласале за мене или мојот противник, важно е дали тоа го направивте, дали бевте присутни, дали ја покажавте лојалноста кон оваа земја која припаѓа на секој од нас, рече Бориќ.

Тој припаѓа на радикалната генерација на студентски водачи кои одлучиле еднаш засекогаш да раскрстат со оставштината на диктаторот Аугусто Пиноче. -Чиле беше родно место на неолиберализмот, а ќе биде и негов гроб!, викна Бориќ по победата на изборите.

ПОДДРШКА ОД ЛГБТ ЗАЕДНИЦАТА

Во центарот на Сантјаго неговите приврзаници се радуваа, меѓусебно се гушкаа и мавтаа со знамиња со ликот на Бориќ, како и знамиња на ЛГБТ заедницата којашто ги поддржа неговите социјално инклузивни политики и планови за ревизија на чилеанскиот пазарно ориентиран економски модел.

-Знам дека историјата не почнува со нас. Се чувствувам како наследник на сите оние кои на различни места неуморно бараа социјална правда, рече тој.

Бориќ е роден во Пунта Аренас во 1986 година и е посебно горд на својот роден регион Магаланес. Татко му Луис Хавиер Бориќ има потекло од Хрватска, а цел животен век работел како хемиски инженер во фирмата ENAP. Мајка му Мариа Соледад Фонт е со потекло од шпанскиот регион Каталонија.

Неговите прадедо и прабаба Иво и Божица пред 124 години се доселиле во Чиле од хрватскиот остров Угљан. Во Чиле добиле десет деца, од кои синот Владимиро, станал првиот надбискуп со хрватски корени во Пунта Аренас. Нивното седмо дете е Луис, дедото на Габриел.

Во 2011 година, кога бил при крај на студиите, Бориќ беше водач на студентските протести кои го парализираа Чиле и доведе до тоа неколку млади лидери, кои беа дел од претседателската кампања на Бориќ, да влезат во политиката.

Тој победи на чилеанските конгресни избори во 2013 година и служеше два мандати како заменик, станувајќи еден од првите конгресмени што не беа дел од двете традиционални чилеански коалиции во процесот.

Кога тесно загуби во првиот круг на претседателските избори од Хозе Антонио Каст, Бориќ значително ја подобри својата програма. За разлика од неговите огнени денови на почетокот на протестот, Бориќ сега е уредно облечен, скромен и сериозен млад човек и често носи јакни кои ги покриваат неговите тетоважи.

ПРЕТСЕДАТЕЛ НА СИТЕ ЧИЛЕАНЦИ

-Ќе бидам претседател на сите Чилеанци, без разлика дали гласале за мене или не“, ветил Бориќ во телефонскиот разговор со претседателот Себастијан Пинер, кој се повлекува во март.

Протестите во 2019 година, најголемите во модерната историја на Чиле, го шокираа светот, фрлија светлина врз економските нееднаквости во земјата и доведоа до промена на уставот на хунтата.

Повеќе од 1,2 милиони Чилеанци излегоа на улиците на главниот град на земјата во октомври 2019 година за да протестираат против нееднаквостите во општеството. Во протестите загинаа 36 лица, повеќе од 11.000 беа повредени, а 28.000 беа приведени.

Тоа не се очекуваше од „најуспешната латиноамериканска демократија“. Според сите прогнози, Чиле требаше да биде мирна и просперитетна јужноамериканска нација, па бесот што се излеа на улиците изненади многумина, особено кога се пресмета дека е предизвикана штета од 3,5 милијарди долари и 300.000 работни места.

ОД БОГАТИТЕ ЌЕ ЗЕМА ДАНОК

Габриел Бориќ, пратеник од 2014 година, лидер на широката левичарска коалиција, се претстави како кандидат кој ќе ги спроведе промените и кој е политички наследник на протестите од 2019 година, кога се бараше социјална правда.

Од друга страна, Каст – чие семејство има германски корени – рече дека е кандидат за „ред, правда и безбедност“ кој жали за времето на воената диктатура на Аугусто Пиноче.

Вети даночни олеснувања за фирмите, изградба на бариери на северот од земјава за да се спречи приливот на мигранти, а се залагаше и за укинување на правото на абортус.

Бидејќи ниту Каст ниту Бориќ не беа дел од политичкиот господар кој владееше со Чиле од укинувањето на диктатурата на Пиноче во 1990 година, и двајцата мораа да им понудат на гласачите „помодерни“ погледи и визии за иднината.

Прогресивниот левичар Бориќ се залага за голема даночна реформа што ќе ги направи најбогатите – еден процент од Чилеанците со 26,5 проценти од националното богатство – повеќе вклучени во неговата програма за подобрување на пристапот до здравството и образованието, како и воспоставување нов пензиски систем кој се уште е целосно оперативен и во приватни раце.

Поврзани новости