Во бунт во затвор во главниот град на Мозамбик, Мапуто, загинаа 33 лица, 15 беа повредени, додека повеќе од 1.500 затвореници избегаа, изјави вчера началникот на полицијата на земјата Бернардино Рафаел.
Во инцидентот од затворот избегале 1.534 затвореници, но 150 од нив биле повторно фатени, рече Рафаел.
Мозамбик доживува ескалација на граѓански немири поврзани со спорните избори во октомври, кои го продолжија престојот на долгогодишната партија Фрелимо на власт. Опозиционерите и нивните поддржувачи тврдат дека гласањето било наместено.
Додека Рафаел ги обвини протестите надвор од затворот за поттикнување немири, министерката за правда Хелена Кида изјави дека немирите започнале внатре во затворот и немаат никаква врска со протестите надвор.
Идентитетот на убиените и повредените не е познат.