Бункер прво полувреме

by Fokus

Пишува Владимир ЛАЗАРЕВИК

Битката со Корона вирусот не е спринт, туку е маратон. Токму затоа нашата бункер стратегија е погрешна и цената за тоа може да ја платиме во второто полувреме. Како сега стојат работите се чини дека првото го добивме, со малку загубени човечки животи. Но она што сите релевантни светски институции го предвидуваат е почетокот на второто полувреме или вториот бран. Бункер стратегијата која Македонија ја забетонира меѓу земјите со најконзервативна јавно здравствена политика практично целосно го смени нормалниот тек на животот. Економските последици се катастрофални, и нивните деструктивни ефекти допрва ќе се почуствуваат врз квалитетот на животот. Токму и поради тоа што негативните последици ќе се почуствуваат најсилно со почетокот на есента се чини дека Владата се брза да ги спроведе парламентарните избори во јуни. Тоа е од причини што ако изборите се одложат за неколку месеци катастрофалните последици како резултат на несоодветното справување со кризата ќе бидат водечки во одлуката на граѓаните за кого да гласаат на следните избори. Од слични амбиции се води и политиката во соседна Србија.

Во меѓувреме во Европа, веќе животот почнува колку толку да се враќа во нормала. Училиштата се отвораат и децата почнуваат да посетуваат настава. Од наредната недела децата во Словенија ќе започнат со настава. Кај нас отворањето на училиштата е целосно табу тема. Ерес. Подобро е да отупат по дома децата, но никако во училишта да ги пратиме. И покрај фактите дека ризикот за децата е практично непостоечки.

Политиката која Министерството за здравство од почетокот на корона вирусот ја води ги внесе граѓаните во таква невидена параноја да веројатно поголем број ќе имаат психолошки проблеми како да излезат надвор од бункерите во кои се затворени. Практично граѓаните се наоѓаат во реално Андерграунд Кустурица шоу, седи доле, посигурно е, надвор демнее короната. А до кога ќе демнее? Е тоа не се знае, до понатака. Бидете така, ќе ве информираме.

Оваа бункер стратегија со цел да се победи во првото полувреме е базирана на претпоставката дека додека трае натпреварот ќе се обезбеди вакцина или некаков лек. Или ќе се набават доволно респиратори, кои за жал барем според нашите искуства се практично гарант за брза смрт. Ваквата стратегија паѓа во вода во оној момент кога ќе се соочиме со вистината дека вакцината нема да се најде. Барем нема да се најде за да послужи и да не спаси во второто полувреме.

Наспротив бункер комунистичките стратегии пресликани од Кина, постојат и други алтернативи. Конкретно, надалеку коментираниот Шведски модел, кој веројатно ќе влезе во повеќето учебници по јавно здравје од иднината, се базира на сосема други претпоставки. Првичниот принцип е дека ова е маратон, не е спринт. Значи не се спремаме да победиме во прво, туку треба да се спремиме за подолга утакмица. Втор важен принцип е да се зачува квалитетот на животот колку што е можно поблиску до тоа што бил пред короната. Клучната цел на оваа стратегија е да се изложи поголем дел од населението на ризик од вирусот, посебно оние категории граѓани кои не се со толку висок ризик, како што се децата, младите и слично. Со тоа, постепено во општеството се создава таканаречен имунитет (херд). Херд имунитетот е состојба во која откако ќе се разболат 80% од одредена популација, останатите 20% се имуни и без да се разболат. Сега, таа состојба не е можно да се случи во условите на корона вирусот. Но, со сигурност колективниот имуинитет во Шведска и изложеноста на нивното население кон корона вирусот ќе биде далеку повисок од државите во нивното соседство како што се Норвешка, Данска и Финска. Со тоа архитектот на оваа стратегија г-ин Андреас Тегнел, се надева дека кога ќе започне второто полувреме, Шведска ќе биде далеку поподготвена од сите останати држави, посебно од државите во нивото соседство. Дали тоа ќе се случи останува да видиме.

Но, една работа со сигурност можеме да тврдиме од денес. Македонија нема никаква причина да се надева дека евентуалниот втор бран ќе го дочека поспремна. Нема основ на што да се базира таа претпоставка. Дали ние знаеме колкав процент од нашето население има развиено анти тела против Ковид 19? Земји како Израел, со далеку послаби карантински мерки проценуваат дека помеѓу нивното население од 1-10% имаат развиено антитела. Последиците од тоа дали се 1% или се 10% се огромни. Кај нас, кои сме забетонирани во бункерите веројатно процентот е уште понизок. Непосакуваниот евентуален втор бран нас кои што сме во бункерот заштитени од сите можни надворешни влијанија, ќе не постави во далеку полоша позиција каде ризикот на населението ќе биде далеку повисок. Дури тогаш притисокот врз здравствениот систем ќе биде неиздржлив. Што ќе правиме кога ќе заврши прво полувреме? Пак ќе бидеме во бункери, и до кога така? Децата пак нема да ни одат во училиште од септември? Нема да работиме до понатака? Или ќе излеземе на избори во јуни, па после пак во бункери?

Неопходно е критички да се разгледуваат овие дилеми и проблеми, зошто можеби спринтот го добивме, ама ако го загубиме маратонот цената која ќе ја платиме ќе биде многу повисока.

 

Поврзани новости