Комисијата за европски прашања на германскиот Бундестаг утре на затворена седница ќе расправа за актуелната ситуација во Македонија, јави Дојче веле.
Главна тема на седницата ќе биде актуелната ситуација на Западен Балкан, а посебен акцент ќе биде ставен на состојбата во Македонија и во Босна и Херцеговина.
Германската влада смета дека Извештајот на Прибе содржи клучни реформски мерки за одржлив развој на Македонија. Владата во Берлин „е единствена во ставот со европските партнери и САД дека спроведувањето на реформите е основа за нова динамика во евроатлантското приближување на земјата… Германската влада е уверена дека ситуацијата со човековите права во земјата може значително да се подобри со одржлива примена на препораките во т.н. ‘Извештај на Прибе'”, оцени владата во Берлин во ноември 2016-та.
Германскиот социјалдемократ и член на парламентарната Комисија за надворешна политика на Бундестагот, Гернот Ерлер, минатата недела изрази „екстремна загриженост“ и ја оцени ситуацијата во Македонија како „државна и уставна криза од највисок ранг“.
Ерлер оцени дека лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, стравува дека ако власта се смени, тој ќе се најде пред суд и оти со предизвикување меѓуетнички тензии и со помош на претседателот Ѓорге Иванов се обидува да ја спречи промената на власта.