Поранешниот лидер на СДСМ и премиер Зоран Заев смета дека згрешил во врска со Димитар Ковачевски, кому му даде отворена поддршка откако одлучи да се повлече од политиката по поразот на локалните избори, пишува последниот број на неделникот „Фокус“.
Сепак, во ситуација кога Ковачевски е избран на Конгрес со непосредно гласање, делувањето против него би водело кон отворен внатрепартиски конфликт, па затоа, според Заев, привремено решение за надминување на разликите би било разрешувањето на генералниот секретар Миле Зечевиќ.
Притоа, Заев да нов партиски генсек го нуди поранешниот партиски потпретседал и министер за здравство Венко Филипче, кој пак неодамна во изјава за „Фокус“ не исклучи политички камбек, велејќи дека „сѐ уште се чувствува млад“.
Сепак, Ковачевски одбива да го жртвува Зечевиќ, кој му стана трн во око на Заев поради тоа што лобирал нов директор на АНБ да стане Заре Милошевски.
Тој е брат на Томе Милошевски, поранешен помошник-министер на одделот за обезбедување ВИП личности и објекти, кој во минатиот период испорачуваше низа критики до Заев, додека истовремено го фалеше Бранко Црвенковски.
Иако новиот директор на АНБ добил позитивна препорака од САД, сепак, Заев сметал дека Зечевиќ одработил во негова корист и за тоа му забележал на Ковачевски.
Како што објави „Фокус“, и лобирањето за блиски компании и функционери биле дел од причините за заладувањето на односите меѓу Заев и Ковачевски. Заев лобирал за одредени компании што соработувале или требало да соработуваат со институции, но, пред сѐ, со една државна фирма.
Покрај тоа, тој често ургирал за одредени именувања на функционери, но и реагирал кога некој негов близок ќе биде разрешен, како што се случи периодов со една директорка на инспекторат.
Ако тоа донекаде било толерирано, капката што ја прелила чашата бил изборот на Ислам Абази за нов обвинител за гонење организирал криминал.
Неофицијално, Заев реагирал зошто СДСМ така лефтерно дозволил Али Ахмети да го истурка Абази за наследник на Вилма Русковска, наместо поцврсто да застане зад Ермон Незири, за кого очигледно се навивало во Струмица.
Висок партиски функционер вели дека Ковачевски првично реагирал смирено, порачувајќи дека ако нема простор за работа, сам ќе си замине како што дошол. Арно ама, подоцна зазел малку поинаков курс.
Дека нема намера да се повлече произлегува и од неговиот тон во новогодишното интервју за „Фокус“, каде што тој изјави: „Ако го земете предвид резултатот во изминатите 10 месеци, резултатите што ве уверувам дека ќе ги постигнеме во следната година, на изборите во 2024 година, СДСМ ќе ја предводи идната европска влада на Северна Македонија“.
Во однос на прашањето дали има комуникација со Заев и со другите поранешни лидери и колку тие се вклучени во партиските процеси, тој одговори дека уште при самиот избор за претседател рекол дека себеси не се гледа како наследник, туку се кандидирал со јасна подготвеност, концепт, план и визија како СДСМ да се консолидира.
–Сите поранешни претседатели, во рамки на своите можности учествуваат и во активности на партијата. Бевте сведоци дека на трибините, добар дел од некогашните претседатели се појавија и беа поздравени како што доликува – рече Ковачевски.
Инаку, Заев во друштво на Филипче беше на партиската трибина во Струмица, но двајцата ги немаше на финалната трибина во Скопје, каде, пак, присуствуваше Радмила Шекеринска, која своевремено се дистанцираше од партијата.
Заев и Шекеринска и сега имаат различни ставови. Од една страна, Заев смета дека ниту една левица не може да победи во два изборни циклуси едно по друго и затоа предлага заедничко владеење со ВМРО без ДУИ.
Наспроти тоа, Шекеринска на состанокот на Бихаќка во проширен состав истакнала дека минатото покажало дека владеење без ДУИ е тешко издржливо, а воедно посочила дека дури и да загубат во 2024 година, не треба да му дадат предвремени избори на ВМРО во 2023 и една година порано да предадат најголем дел од власта.
Иако размислувал да активира пратеници, членови на Централниот одбор и други блиски сопартијци, на кои изминатиот период им се јавувал, сепак, Заев привремено се повлекол, делумно и по сугестии од меѓународната заедница, која моментално не поддржува враќање на ВМРО-ДПМНЕ на власт поради нивниот отпор кон уставни измени.
А, концептот на Заев е токму заедничко владеење на ВМРО и СДСМ, со цел заедничко туркање на уставните измени, изолација на ДУИ и Левица, но и спас од можен реваншизам по промена на власта.
Всушност, Заев ја реафирмира старата идеја за германски модел во Македонија, која своевремено ја исфрли во јавност, кога играше на картата дека Митко Јанчев ќе застане на чело со ДПМНЕ со помош на „мериот групацијата“. Но, сето тоа пропадна, па сега Заев мора да работи директно со Мицкоски.
Иако двете страни негираат дека имало средба меѓу нив, дипломатски извори уверуваат дека двајцата имаат неколку канали на комуникација, додека, според истите извори, Заев и Мицкоски лани во декември имале долга средба во град во Источна Македонија…
Влатко СТОЈАНОВСКИ
Целиот текст прочитајте го во новиот број на неделникот кој можете да го купите и во електронска форма на овој линк.