Буковка фашисти

by Фокус

По примерот на Кочо Битољану, адаптиран на современи неубиствени теркови, треба да ги замезиме фашистиве како буковка и да им ставиме до знаење дека Македонија била, е и ќе биде негостопримлива за наци-агенти!

Пишува: Јанаки МИТРОВСКИ

Се накотија фашистички клубови во мајка Македонија како печурки по дожд. Од првичниот во Битола, за кој Ламбе го осудија, до најновиот во Охрид, со најава за отворање уште еден во Богданци. Сите клубови имаат имиња на, за нас, контроверзни личности како Цар Борис и Ванчо Михајлов, а најавениот „клуб“ во Богданци ќе го носи името на таткото на Борис, цар Фердинанд.

Сите овие имиња не се воопшто случајно одбрани, туку како што и реагираа одредени наши историчари, имаат за цел да покажат врска, односно континуитет, или со други зборови да прикажат дека Македонија била и е бугарска!

КВИСЛИНЗИ НА ВЛАСТ

Тоа што имаме квислинзи на власт, не треба да нѐ депривира од нашето рацио, како и од обврската да ја одржуваме антифашистичката традиција на Македонија. Во веќе добро познат случај на јавноста, пејачот Ламбе Алабаковски реактивно настапи, за жал призна дело, иако дело немаше, и беше осуден на алтернативна мерка – условна осуда.

Новоотворениот клуб во Охрид е именуван по контроверзниот бугарски цар, кој е сѐ освен Бугарин (татко Германец, мајка Италијанка). Германецот Фердинанд, кој нашите драги соседи го слават како прв Бугарски цар на третата бугарска држава, пак ќе го носи името на клубот во Богданци. Доколку се отвори и четврти бугарски клуб во Македонија, веројатно ќе го носи името на озлогласениот Мане Мачков.

За Мане Мачков и неговите другарчиња фашисти, тогашните Власи имале соодветен одговор. Во 2015 година почина Кочо Битољану, кој смртно го застрела бугарскиот агент Maчков во октомври 1944 година на свои деветнаесет години, за што бива осуден на петнаесет години затвор, но по година и пол успева да избега од Идризово и да пребега во партизани преку јатаци. Денешните генерации, за жал, не се предводени од мудоњи како Кочо, туку од бескичмењаци и квислинзи, кои чувствуваат за потребно да се умилкуваат на окупаторите наместо да им свирнат куршум во чело!

ПЕЧУРКИ ПО ДОЖД

Големиот Битољану сигурно се превртува во гроб когa гледа како самопрогласените наследници на партијата за која бил подготвен да робија и загине, на тацна ја предаваат Македонија на наследниците на истите крвници, кои мачеле и убиле неколкумина негови другари и сопартијци. Ништо од ова не е важно за македонската владејачка демек елита, иако од спротивната страна имаме инсистирање, не само да ја ретушираме историјата, туку одат дотаму да бараат да не се слави 11 Октомври, за мене еден од најважните наши празници.

Токму вакво барање е најновото во низата наци-барања, овојпат испорачани од фантомската фондација Македонија, експозитура на бугарското разузнавање во Македонија, предводена од извесен Виктор Стојанов, искомплексиран мал човек со џуџест раст. Но, тоа што нашите квислинзи дозволуваат да никнуваат фашистички клубови како печурки по дожд, не значи дека ние треба да го трпиме тоа.

По примерот на Кочо Битољану, адаптиран на современи неубиствени теркови, треба да ги замезиме фашистиве како буковка и да им ставиме до знаење дека Македонија била, е и ќе биде негостопримлива за наци-агенти!

Поврзани новости