Со тоа што излегол од дома само со повик на 192 и се тестирал неколкупати, градоначалникот на Куманово, Максим Димитревски, неколкукратно ги прекршил алгоритмот и протоколите по кои се работи за заштита од коронавирусот, истакна на денешната прес-конференција директорката на ДЗСИ, Ирина Бухова.
„Лице што е ставено со решение од ДСЗИ позитивно на Ковид-19 за лекување и изолација може да го напушти местото каде што е изолирано со најава на 192, меѓутоа преку координација со матичен доктор, епидемиолог или специјалист инфектолог во најблиската болница, во овој случај Општата болница во Куманово. Никакво јавување на 192 не овозможува по даденото решение надвор од овој протокол. Во согласност со решение од ДСЗИ, тестирањето на лица во домашна изолација се изведува исклучиво по четиринаесеттиот ден, и тоа во временска разлика од 24 до 48 часа, во лабораторијата на Институтот за јавно здравје во Скопје“ – вели Бухова.
Директорката на ДСЗИ апелираше граѓаните да ги почитуваат мерките и правилата бидејќи, како што рече, доколку сите позитивни на Ковид19 самоволно излезат без почитување на протоколот ќе ги доведат во опасност граѓаните на државава да ги заразат со вирусот.
-Согласно решението издадено од ДСЗИ и протоколот за позитивни лица, тестирањето на позитивни лица кои се наоѓаат во домашна самоизолација и домашно лекување се изведува исклучиво по 14-от ден во временска разлика од 24 до 48 часа во лабораторија на Институтот за јавно здравје Скопје, истакна Бухова Сотирова.
Таа информираше дека од 30 март до вчера, ДСЗИ има издадено 3.324 решенија за домашна самоизолација по основ на контакти и 994 решенија на лица позитивни кои се на домашно лекување и домашна самоизолација.