Министерството за надворешни работи на Бугарија денеска информира дека нивните стратешки партнери се известени за провокациите од С. Македонија, кои, според нив, се со цел да се уништи дијалогот.
„Во врска со последователните навредливи квалификации кон Бугарија и бугарскиот народ од страна на функционери од Република Северна Македонија, категорично одбиваме да се вклучиме во таков неевропски и неспоив тон. Уште еднаш потсетуваме на клучното значење на развојот на добрососедските односи за европската иднина на Република Северна Македонија“, е ставот на МНР на Бугарија.
Македонската претседателка Гордана Сиљановска-Давкова минатата недела беше во посета на Бугарија и се сретна со шефот на државата Румен Радев, но отсуството на државното знаме на Македонија на заедничката фотографија на двајцата претседатели предизвика скандал и реакции во јавноста.