Бугарското МНР: Дискриминаторско ограничување на правото на здружување на Бугарите во Северна Македонија

by fokus

Министерството за надворешни работи (МНР) на Бугарија преку соопштение изрази загриженост дека со измените на законите за здруженија и фондации и за политички партии во Северна Македонија се ограничува правото на здружување на Бугарите во земјава бидејќи има еднострано толкување на историските факти.

„Постои сериозна загриженост дека тие (законските измени) имаат за цел дискриминаторско ограничување на правото на здружување на Бугарите во Северна Македонија, за што повод е еднострано толкување на историските факти. Легитимната потрага за спротивставување на сите форми на екстремизам и омраза не може да се инструментализира за намерно ограничување на правата на одредени задници. Ограничувањата од ваков карактер во минатото веќе им беа наметнати на Бугарите во Северна Македонија. Со слични аргументи, во 2001 година беше забранета организацијата Радко кој е псевдонимот на Иван Михајлов. Европскиот суд за човекови права (ЕСЧП) веќе донесе одлука по ова прашање“, реагираат од бугарското МНР.

Бугарија смета дека тоа што ќе биде потребно позитивно мислење од консултативно тело формирано во Министерството за правда за да може да се употреби некое име, презиме, прекар, псевдоним, кратенка или иницијали на историска личност, наметнува загриженост дека во интерпретацијата на историските личности и настани ќе биде доминантно официјалното интерпретирање што го има Северна Македонија.

Понатаму, МНР на Бугарија оценува и дека ваков вид на законски измени го попречува ефективното и сеопфатно спроведување на Договорот за добрососедство и порачува дека очекува властите во Северна Македонија да гарантираат еднакви права и слободи на сите нејзини граѓани, вклучително и на Бугарите.

-Тоа се однесува на слободното изразување на нивните историски ставови и верувања во услови на плуралистичко општество, како и на можноста за создавање политички партии, здруженија и културни центри. Во духот на стратегијата Едно општество за сите, властите во Северна Македонија треба да ги обезбедат неопходните услови за претставниците на етничките заедници да може да ја зачуваат и развиваат својата култура и главните елементи на нивниот идентитет, традиции и културно наследство, додаваат од бугарското МНР.

Поврзани новости