Бугарското министерство за надворешни работи денеска во одговор до бугарски „Дневник“ соопшти дека Орце Камчев нема дипломатски пасош издаден од таа држава.
Ова го објаснуваат од бугарското МНР во одговор на прашањето на “Дневник” по судењето за “Плацевите на Водно”, случај во кој е обвинет Камчев. На судењето, судијата Илија Трпков дозволи Камчев во притвор да го посети советник од бугарската амбасада бидејќи бил бугарски државјанин.
Бугарските медиуми пренесуваат дека Камчев доставил копија од дипломатски пасош, но на судењето не беше кажано дека Камчев доставил копија од дипломатски пасош, туку судијата коментираше за посетата во притвор на странецот Јан Фигел кој бараше да оди кај Камчев со копија од дипломатски пасош.
Понатаму бугарскиот медиум пишува дека посетата, која беше најавена неколку дена пред одлучувачкиот втор круг од локалните избори е закажана за 5-ти ноември, една и пол недела пред парламентарните и претседателските избори во Бугарија.
“Дневник” прашал која е причината за посетата и зошто таа е неопходна токму сега. Во писмените одговори, бугарското МНР објаснува дека тоа било побарано од адвокатите на Камчев, кој (и покрај тоа што нема дипломатски пасош) е и бугарски државјанин, а Виенската конвенција ја обврзува земјата да одговори.
„Согласно Виенската конвенција, бугарските дипломати во странство се обврзани да пружат конзуларна помош кога ќе им биде побарано на сите бугарски државјани кои живеат во конзуларната област на мисијата“, напишал МНР во одговорот.