Бугарско МНР: Изненадени сме од бројот на Бугари на Пописот во Северна Македонија

by Fokus

Со големо изненадување ги прифаќаме објавените податоци за бројот на граѓани во Република Северна Македонија, кои на Пописот се самоидентификувале како Бугари, соопшти бугарското Министерството за надворешни работи.

– Ја забележуваме драстичната неусогласеност меѓу овие податоци и податоците за бројката од над 100.000 граѓани на Република Северна Македонија кои лично поднеле документи со кои се докажува бугарско потекло и самосвест за добивање бугарско државјанство, се наведува во реакцијата на бугарското МНР.

Според Министерството, „предмет на сериозна анализа“ е фактот што не се преброени 7,2 отсто од граѓаните во земјава, за кои податоците се обезбедени преку соодветни бази на податоци „без да може да се утврди нивната етничка или верска припадност“.

Софија забележува и дека нема информации колкав е бројот на државјани на земјава со бугарско национално чувство кои се попишани меѓу нерезидентното население.

– Со особено внимание ги имаме предвид сомнежите искажани околу транспарентноста и кредибилитетот на процесот наведени од организациите на Бугарите во Северна Македонија, како за време на пописот, така и при објавувањето на резултатите. Очекуваме нивниот глас да го слушнат и властите во Северна Македонија, соопшти бугарското МНР.

Поврзани новости