454
Вики Клинчарова
Познат како човек со цврст став, но и одлична физичка кондиција, каратист и фудбалер, во медиумите често нарекуван Бетмен, бугарскиот премиер Бојко Борисов често е ставен на тапет во тамошните таблоиди. Се пишува за неговиот приватен живот, а неретко му се препишуваат и разни афери.
Германската канцеларка Ангела Меркел е вљубена во бугарскиот премиер Бојко Борисов – е топ веста која деновиве ги наполни насловните страници на бугарските таблоди, а се објави и во повеќе поратли.
,,Меркел, позната како еден од најлутите конзервативци, секогаш е насмевната и со благ поглед кога ќе се сретне со Борисов, независно дали двајцата се на состанок сами или во големо друштво со европски лидери. Строгата госпоѓа, која е страв за сите, се топи кога ќе го види Борисов, а понекогаш дури и се вцрвува” – пренесува неделното издание на познатиот бугарски весник Таблоид.
Понатаму, во текстот се тврди дека и германски новинари од Deutsche Zeitungen
го забележале и го потврдиле истото за меѓусебната привлечност помеѓу Бојко и Ангела.
,,Очигледно е, таа се топи пред него, и сите во Германија го знаат тоа” – коментирале новинарите.
,,Со Ангела Меркел се разбираме најдобро” – се навраќаат бугарските медиуми на изјавата на Борисов, уште од времето на неговиот прв мандат. Ги пренесуваат и пофалните зборови што Меркел ги упатила по повод актуелните реформи во Бугарија.
Меѓусебната наклонетост помеѓу Борисов и Меркел и во минатото се спомнувала кај нашите соседи. Уште пред три години во една од најпопуларните забавни емисии во Бугарија ,,Шоуто на Слави” беше емитувана пародија, во која актери ги глумеа Ангела и Бојко, и за време на скечот, вљубено се држеа за раце.
Сепак, Борисов не реагира многу бурно по повод разните стории и афери кои што му се препишуваат, или пак поради шегите на негова сметка. Во повеќе наврати има изјавено дека тој е спортист, па затоа знае да прифати победа, но и пораз, без да прави голема фама во јавноста.
За разлика од него, голем број од нашите политичари често се жалат во врска со новинарските текстови објавени за нив. Се бараат деманти, се расфрлаат со опомени пред тужби и инсистираат на јавни извинувања и за најбанални ситници. Авторизација на текстовите пред да бидат објавени, па дури и да се пишува за настани како летување или свадба, е практика која многу од нив ја применуваат, плашејќи се да не се фрли сенка на нивниот углед и идеалната слика која сакаат да ја остават пред народот.
Вики Клинчарова