Претседателот на Бугарија, Румен Радев денеска и го додели мандатот за формирање влада на Бугарската социјалистичка партија, што е последен обид да се избегнат петтите парламентарни избори во последните две години.
Иако изгледите на социјалистите за формирање влада се слаби, лидерот на таа партија, Корнелија Нинова, изјави дека партијата ќе даде се од себе „да формира редовна влада, која е многу потребна“.
Радев им го додели мандатот на социјалистите бидејќи двете најсилни опции во Парламентот не обезбедија мнозинство: коалицијата околу партијата ГЕРБ на поранешниот премиер Бојко Борисов и реформистичката партија „Продолжуваме со промените“ на Кирил Петков, исто така поранешен шеф на владата.
Шефот на државата е должен прво да го додели мандатот на најсилната, а потоа на втората најсилна партија, додека третиот пат, како што е сега, има „одврзани раце“.