Бугарските синдикати денеска на протест поради ниските плати

by fokus

Бугарските синдикати денеска ќе одржат протестен митинг пред Народното собрание, по што ќе има и протестна прошетка. Протестот го организираа Конфедерацијата на независни синдикати во Бугарија и Конфедерацијата на трудот „Поддршка“, јави дописникот на МИА од Софија.

На крајот на октомври двата синдикати во Бугарија претставија заедничка декларација со предлози за 13 мерки во клучните сектори на економијата.

Меѓу предлозите на двата синдикати се зголемување на минималната плата од 1 јануари 2023 година од сегашните 710 лева (360 евра) на најмалку 850 лева (425 евра) и минимално зголемување од 13 отсто на сите плати во приватниот и јавниот сектор.

Тодор Капитанов, потпретседател на Конфедерацијата на независни синдикати и претседател на штрајкувачкиот одбор, изјави дека социјалната тензија е исклучително висока.

-Веќе еден месец во сите претпријатија каде има синдикално организирање вработените бараат преговори со директорите и сопствениците за преку колективно договарање да се дојде до зголемување на платите, посочи тој.

Капитанов додаде и дека за време на предизборната кампања во Бугарија, синдикатите им сигнализирале на партиите дека по изборот на 48. Народно собрание ќе очекуваат итни решенија за проблемите на луѓето. Тој изјави дека нивните членови нема да ги толерираат претставниците на власта.

Поврзани новости