Бугарските политичари излегоа со остра осуда откако вчера македонското Министерство за внатрешни работи поднесе пријава против раководството на „Мал битолски Монмартр“ за злоупотреба на деца во политички цели.
, Претседателот на контроверзната бугарска партија „Преродба“ Костадин Костадинов побарал бугарското Министерство за надворешни работи да излезе со најголема осуда за тоа што се случува во Битола.
Тој изнел невистини тврдејќи дека вчера по налог на нашиот министер за внатрешни работи, Оливер Спасовски, „почнал судскиот процес против 32 деца на возраст под 14 години, кои од вчера се на распит во обвинителството и во полицијата“.
Децата се од креативно детско училиште во Битола и учествуваа во проектот „Малиот битолски Монмартр“, рече Костадинов, пренесоа бугарските медиуми.
Според него, во рамките на овој проект овие деца минатата недела дошле во Бугарија и учествувале на разни настани, а се сретнале и со бугарски политичари.
Со остра осуда излезе и поранешниот бугарски вицепремиер и поранешен лидер на ВМРО-БНД, Красимир Каракачанов кој како што пренесуваат бугарските медиуми, изјавил дека тоа е целосно непочитување, дрскост и целосно нескриена омраза кон Бугарија и Бугарите.
„Сведоци сме на ова во пресрет на Илинден – денот кога избувна најмасовното востание на Бугарите во Македонија. Ден кога повторно немаше општа прослава за хероите, предците на христијанското население во сегашната РСМ, кои ги дадоа своите животи за ослободување на Бугарите и обединување на бугарскиот народ. Место да ја поздрави културната размена, блиските врски и заедничките иницијативи, македонското Министерство за внатрешни работи се жали на објавите во „медиумите“ дека децата учесници на културната манифестација се фотографирани со бугарски политичари“, изјави Каракачанов.
По допрен глас, МВР вчера поднесе пријава против раководството на „Мал битолски Монмартр“ културна установа која во неколку наврати изминатиот период носеше деца во посета во Бугарија и на средба со бугарски политичари, меѓу кои и претседателот Румен Радев.
Полицијата го известила Основното јавно обвинителство, а реагираше и првата детска амбасада во светот Меѓаши со констатација за злоупотреба на децата за политички цели.
„Апелирам, не само за овој случај, да се покренат кривични пријави и да се дадат сведоштва за институциите да преземат дејствија. Не треба да започнуваме случаи само на знак. Откако е известено обвинителството, веќе има постапка, рече министерот Спасовски.