Бугарскиот претседател Румен Радев денеска побара премиерот Бојко Борисов веднаш да поднесе безусловна оставка, јави БГНЕС.
– Предлозите на премиерот не треба воопшто да се коментираат. Ги повикувам сите оние кои се грижат за иднината на Бугарија да не паднат во стапицата на Борисов, рече Радев, при неговата посета на крајбрежниот град Варна.
По пристигнувањето на Радев во Варна, дошло до мал судир меѓу приврзаниците на владејачката партија и демонстрантите против владата. Полицијата интервенирала и ги раздвоила луѓето.
– Вие ја браните државноста во Бугарија, им се обрати претседателот на насобраните антивладини демонстранти.
– На премиерот очигледно не му се допаѓа како ја уништи земјата во последните 10 години и сака да му дадеме можност повторно да ја уништи. Тој сака да ја земе целата земја како заложник за негово сопствено опстојување на функцијата, рече Радев..
Според шефот на бугарската држава, ваквата тешка криза на доверба не може да се лекува со Големото национално собрание. Излез не е Големото национално собрание, туку оставка, категоричен е Радев. Тој истакна дека парламентот ја исцрпел легитимноста и довербата.
– Тоа треба да биде на дневен ред, една единствена точка – итна и безусловна оставка, изјави Радев.