Бугарскиот пратеник и лидер на политичката партија ,,Преродба” Костадин Костадинов, познат како Коста Копејкин, кој пред два дена во бугарскиот парламент кажа дека се должни да го заштитат бугарскиот национален интерес во втората бугарска држава во Европа, Македонија, или од неодамна Северна Македонија, во неговата земја е познат по скандалот околу разводот со сопругата Велина.
Тој беше актуелен во тамошните медиуми пред три години, кога ставил крај на бракот со сопругата со која има две деца, но продолжиле да живеат заедно.
Како што пишуваа бугарските медиуми, дури и нивните најблиски не знаеле дека парот е разведен, се додека во јавност не беше објавен судски документ.
Се открија детали дека само неколку месеци по разводот Велина купила луксузен апартман во Варна, а пак по една година Костадин купил куќа со модерен дизајн, во затворен елитен дел на Варна.Токму поради тоа, бугарските медиуми известуваа дека всушност нивниот развод бил фиктивен, поради имотни зделки.
Во март годинава пак, Костадинов повторно стана актуелен поради приватниот живот, кога објави романтична фотографија со сопругата, со што откри дека тие сепак се уште се заедно.
Инаку, по неговата изјава дека Македонија е втора бугарска држава, МВР соопшти дека преку амбасадата на Република Бугарија во Скопје, упатиле вербална нота до Министерството за надворешни работи на Бугарија, во која изразиле крајно незадоволство од содржина на изјавата во која јавно изразуваат иредентистички и територијални претензии кон Република Северна Македонија.
Вики Клинчарова