Бугарскиот парламент со големо мнозинство усвои декларација со која категорично го осуди насилството врз македонските Бугари во Македонија, како и омаловажувањето на проблемот со нивните права и безбедност.
Бугарија го осуди говорот на омраза и инсистираше да се спроведува Договорот за пријателство, кој според Софија, властите во Скопје не го почитуваат.
Ова е дел од наводите во декларацијата на 48. Народното собрание, што е една од последните одлуки на пратениците пред да се распуштат, усвоена со 184 гласа „за“ и 1 „воздржан“.
Како што известуваат бугарските медиуми, една од причините за усвојување на декларацијата е бруталното претепување на македонскиот Бугарин Христијан Пендиков, секретар на бугарскиот клуб во Охрид „Цар Борис Трети“.
Документот е усвоен само еден ден откако делегација на македонските Бугари беше пречекана во Европската комисија од страна на европскиот комесар за проширување Оливер Вархељи.
Декларацијата ги обединува предлозите на Десислава Атанасова од ГЕРБ, Андреј Ѓуров од ПП, Костадин Костадинов од Преродба и Елисавета Белобрадова и Стојан Михалев од ДБ.