Бугарскиот парламент синоќа го отфрли предлогот на премиерот Бојко Борисов за промена на Уставот, кој тој го достави во август, во обид да ја ублажи политичката криза во земјата.
Предлогот за промена на Уставот доби само 110 гласа „за“, додека на парламентарното мнозинството му беа потребни гласовите на 160 од вкупно 240 пратеници во парламентот.
Овој предлог неодамна доби критики и од Венецијанската комисија, советодавно тело на Советот на Европа за уставни прашања, која изрази жалење што не е спроведена соодветна јавна дебата за иницирање на уставните реформи.
Владата на Борисов ја покрена иницијативата во обид да го намали притисокот од повеќемесечните протести, кои почнаа летоска во јули, на кои владата се обвинува за врски со олигарсите и мафијата, при што се бара негова оставка и оставка од јавниот обвинител Иван Гешев и одржување фер избори.
Протестите почнаа откако Иван Гешев нареди претрес на кабинетот на претседателот и апсење на двајца соработници на Румен Радев.
Некои од предлозите за уставни измени се однесуваат на: обврски на државата да „промовира наталитет“, општо ограничување на правото на глас за осудените на затворска казна, намалување на бројот на пратеници во Националното собрание од 240 на 120, поделба на Врховниот судски совет…
Уставните измени, претседателот на Бугарија, Румен Радев, кој е противник на владата на Борисов, ја нарече маневар за купување време и останување на власт до следните парламентарни избори закажани за март 2021 година.