Бугарскиот европратеник Андреј Ковачев вели дека ВМРО-ДПМНЕ уште еднаш покажува дека не ја познава историјата и сака да всади омраза, ширејќи историски манипулации кон Бугарија.
Изјавата на Ковачев се однесува на прес-конференцијата на портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ Наум Стоилковски, во која тој наведува дека македонскиот народ ги издржал и „грчките андарти и колонизаторите, и германските и бугарските фашисти и нивните домашни соработници“.
„Портпаролот на партијата со четирите букви ВМРО зборува за „бугарски фашисти“? Недостиг од елементарно познавање на историјата за тоа каде биле ВМРО за време на бугарската администрација на Македонија или одново злонамерен коментар од таа партија кон Бугарија? До кога ќе всадуваат омраза? До кога ќе ги повторуваат лагите на титовите и на бугарските комунисти?“, изјави Ковачев денеска за БГНЕС.
Тој вели дека дури и СДСМ во последно време не зборувале за „бугарски фашисти“, а „сестринската партија“ очигледно не може да се одвикне од тоа, додавајќи дека „веќе втората генерација во раководството на партијата расте со историски манипулации кон Бугарија“.
Ковачев деновиве изјави дека на потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николовски му се пренесени пораки дека сестринските партии се разочарани од однесувањето на партијата и побарале таа да каже која е алтернативата што може да ја понуди. Тогаш Ковачев кажа дека не го поддржуваат тоа што ВМРО-ДПМНЕ го прави, односно ја блокира иднината на Македонија.