Писмото од Македонската православна црква до Бугарската патријаршија е исклучително позитивен чекор што треба да се прифати, смета Андреј Ковачев, бугарскиот европратеник од редовите на партијата ГЕРБ на премиерот Бојко Борисов, коментирајќи го барањето на МПЦ-ОА за евхаристинско единство со БПЦ.
– Ова е исклучително позитивно и би рекол дека писмото од Македонската архиепископија е револуционерно. Во овој исклучително поволен момент меѓу двете земји тоа е многу добар сигнал. Се надевам дека нашиот Синод позитивно ќе одговори и ќе им подаде рака на нашите собраќа, вели Ковачев во изјава за весникот „Монитор“.
Прашан дали евентуалната позитивна одлука на БПЦ би можела да ги наруши односите на Софија со други земји, Ковачев наведува дека Бугарија не мора секогаш да биде иста со другите и оти треба да го следи сопствениот интерес.
– Сепак, станува збор за наши собраќа. Не гледам зошто некој треба да се чувствува засегнат од оваа ситуација. Писмото е одличен знак и уникатна можност во актуелниот поволен политички амбиент да ја прифатиме подадената рака од Македонија. Се разбира, го изразувам моето лично мислење, а решението сепак останува на Синодот на БПЦ, изјави Ковачев.
Синодот на МПЦ-ОА на 9 овој месец испрати писмо до БПЦ во кое се бара да воспостави „евхаристиско единство со возобновената Охридска Архиепископија во лицето на Македонската православна црква“.