Бугарскиот аналитичар Крстев: Не е испочитуван Договорот за добрососедство

by Fokus

Мора да се вратиме на филозофијата на Договорот за добрососедство меѓу Бугарија и Северна Македонија, бидејќи во моментов не може се да се фокусира на работата на Комисијата за историски прашања, оценува бугарскиот аналитичар Николај Крстев, коментирајќи ги односите меѓу Скопје и Софија.

– Ако продолжиме да го заоструваме тонот, можно е Грција да го зајакне своето присуство во економијата на Северна Македонија, нагласи Крстев при гостување во програмата „Бугарија утрово“ на телевизијата Bulgaria ON AIR.

Според него, перспективите за решавање на, како што вели, сложениот политичко-историски спор меѓу Бугарија и Северна Македонија, „се чини дека се поместуваат за во иднина, кога стратешките проекти, надворешните фактори и влијанието од Европа, САД и Русија или изборите во Бугарија, би можеле да ја сменат сликата и да ги влошат односите“.

– Се шпекулира дека може да има напредок во март и треба да почекаме на изборите во Бугарија. Има судир на два концепта. Нашата недоследност во односите денес, може да предизвика сериозен проблем меѓу Софија и Скопје, оцени Крстев.

Тој смета дека во моментов не е испочитуван Договорот за добрососедство меѓу Бугарија и Северна Македонија, а односите меѓу двете земји се затегнати.

– По две и пол години се сетивме дека треба да има анекс на Договорот. Во Македонија се случија промени, референдум за името, потпишување на договори со Бугарија и со Грција – се се случи за многу краток временски период, потенцира Крстев.

Поврзани новости