Белешка наводно напишана од бугарскиот премиер Кирил Петков за тоа како да се укине ветото за Северна Македонија за почеток на преговорите со ЕУ, прикажа бугарскиот пратеник Станислав Балабанов, пратеник од партијата на Слави Трифонов – Има таков народ, која најави излегување од владината коалиција.
Во изјава за емисија на БТВ, Балабанов рече дека оваа белешка ја напишал самиот Петков на лист од службените тефтери на Советот на министри во возот за Киев, каде оствари средба со украинскиот претседател Володимир Зеленски.
-Подготвен сум да бидам подложен на детектор за лаги за оваа белешка, а во Бугарија има добри стручњаци за графологија кои можат да докажат дека овој фонт е всушност ракопис на премиерот – рекол Балабанов.
Тој појаснил дека планот на Петков бил прво да го укине ветото, а потоа Македонија да ги исполни бугарските барања.