Бугарски пејач гради кариера со гитарата на Тоше Проески!

by fokus

Младиот бугарски поп-фолк пејач Лео, кој изминатиот период е еден вид на музичка сензација кај нашите соседи, ја гради својата кариера со гитара на легендарниот Тоше Проески. Која е врската помеѓу Лео и Проески, се насловите во тамошните медиуми, кои откриваат дека всушност тоа е гитарата на која Лео свири во спотот за дуетот со Алисија, ,,Ти си ми живот”.

-Во видеото младиот талент свири на гитара која е многу специјална. Тоа е гитарата на која легендата Тоше Проески свирел и ги творел големите хитови, и токму тој инструмент му бил омилен, откриваат продуцентите од Хит Микс Мјузик – пишува Сигнал.бг.

Објавени се и фотографии од Лео, но и од Тоше, кои во раце држат навидум иста гитара.

Како гитарата на Тоше завршила кај Лео во Бугарија, дали навистина е тоа негова гитара, која евентуално била понудена на продажба, нема детали.

,,Фокус” се обиде да дојде до одговори од страна на семејството на Тоше, односно од неговиот зет Славен Ристески, но до објавата на веста тој не одговори на нашите телефонски повици.

Инаку, за Проески е познато дека уште многу рано пројавил желба да свири на гитара. Првата акустична гитара од неговото детство, како и уште неколку други, се изложени во неговиот музеј во Крушево.

Тој беше мултиинструменталист, кој покрај гитара, свиреше и пијано, клавијатури и ударачки инструменти. Во средното музичко училиште изборен инструмент му бил кларинетот, а неговиот кларинет исто така е изложен во една од поставките во музејот.

Вики Клинчарова

Поврзани новости