Снимки од кршење на возило во Чаир, спроведување на навивачи до арената „Тодор Проевски“ од страна на полицијата и провокации од бугарски навивачи насочени кон Македонците, речиси цел ден кружат на социјалните мрежи. Ова се случуваше пред денешниот натпревар од второто квалификациско коло во Конференциската лига помеѓу Шкупи (Македонија) и Левски Софија (Бугарија).
Натпреварот е од висок ризик, а полицијата цел ден е мобилизирана да спречи можни инциденти. Но, веќе медиумите јавуваат дека бугарски натпреварувачи влегле во Чаир со два автомобили, каде биле каменувани од локалните жители.
Повеќе медиуми објавија снимки на кои се гледа како неколку мажи фрлаат со предмети по автомобилот кој е со искршено стакло.
Бугарските здруженија пред натпреварот објавија снимки на кои се гледа како навивачки групи веат бугарски знамиња додека доаѓаат накај Скопје и порачуваат дека тоа ќе е секојдневие.
Пред почетокот на натпреварот, на инстаграм профилот „Левски фанс официал“, беше објавена фотографија на навивачи со бугарско знаме и парола: „Македонија е Бугарска“.
Европската фудбалска куќа (УЕФА) го просласи за меч од висок ризик поради што се очекува МВР да ги преземе сите мерки и активности за гарантирање на безбедноста во и надвор од теренот со цел да се избегнат можни немири.
На трибините на нашиот најголем стадион се очекуваат над илјада навивачи да го бодрат Левски.
Фото: Клан