Во екот на ски сезоната голем број на сопственици на хотели од Банско, Боровец и Пампорово, соседна Бугарија, бараат работници од нашата земја. Најчесто се бараат собарки, готвачи, келнери, шанкери и салатери.
На страницата Nomad Jobs секојдневно се објавуваат огласите во кои што Бугарите бараат работна сила од Македонија, за време на зимската сезона, но потенцираат дека има можност и за работа во тек на летниот период, во хотелите покрај море.
Платата која што им се нуди на нашите работници, не е поголема од таа која што можат за истата професија да ја добијат и кај нас. На пример, за позицијата собарка, во хотел во Боровец, со обезбедено сместување и три оброци дневно, шест работни дена во неделата, со работно време од осум часа, платата изнесува 650 лева, односно околу 320 евра.
Работодавецот ги покривал трошоците за аплицирање и вадел дозвола за работа со македонски пасош. И платите за готвачите и шанкерите се движат околу 300 евра, со обезбедено сместување и храна.
Најчесто е потенцирано работниците да имаат познавање од англиски јазик. Кај полуксузните хотели пак, може да се најдат и понуди за готвачи, со работно време 10 часа на ден, за плата од 650 евра, но голем е бројот на понуди за готвачи за плата од само околу 300 евра.
Оние кои имаат познавање од италијанска и индиска кујна, можат да заработат и 800 евра месечно. Интересна е и позицијата „Викач“, за која се нуди нешто помала плата отколку за собарка или келнер. Станува збор за лица кои што имаат работна задача да стојат пред угостителските локали, и да ги викаат минувачите да влезат внатре во ресторанот, објаснувајќи им што има на менито и каква забава може да очекуваат во локалот.
Се бара и пиколо, лице кое ќе им го носи багажот на гостите, ќе им повика такси, ќе ги информира за користење на различни уреди во хотелот и слично, за плата од 350 евра месечно. Во повеќето понуди е наведено дека се добива добар бакшиш, односно дури околу 50 евра на ден.