Прекрасен дочек имав во Мелник, Бугарија, од страна на Македонците кои живеат таму. Бев поканета да настапам по повод одбележување 107 години од смртта на Јане Сандански, и секое мое претставување на Македонија со песна ми е голема чест. Но, сепак, во Мелник, настапот не беше дозволено да се одржи – за „Фокус“ раскажува фолк пејачката Ани Малинкова.
Таа појаснува дека била единствената музичка гостинка која требало да пее пред присутните на собирот, на кој имало голема масовност. Сепак, бугарската полиција не дозволила да се користи озвучување, по што Малинкова решила да им запее на присутните акапела.
-Полицијата беше присутна постојано, и не дозволија да се одржи настапот. Многу ми е жал поради тоа, бидејќи јас ја претставувам Македонија насекаде со песна. Затоа решив да ја отпеам ,,Македонско девојче” акапела, а присутните пееа со мене во ист глас. Многу беше емотивно, и искрено, жалам за Македонците кои живеат таму. Имав преубав дочек од нивна страна- вели Малинкова.
Вчера во Мелник присуствувале голем број на македонски здруженија на одбележувањето на 107 години од смртта на Јане Сандански, но имало и многу гости од земјава и странство. Собирот поминал во мирна атмосфера, но не било дозволено користење на озвучување.
Вики Клинчарова