Директните летови меѓу Скопје и Софија, кои ги договорија министрите за транспорт и врски на Македонија и Бугарија, Благој Бочварски и Николај Сабев при посетата на бугарската владина делегација во вторникот, најверојатно ќе ги изведува бугарската стартап-компанија „Гуливер“, објави бугарскиот портал „Сега“.
Плановите на компанијата, всушност, не се само да се поврзат Скопје и Софија, туку планирани се повеќе авиолинии од повеќе балкански градови до главниот град на Бугарија, од каде што ќе се лета за Њујорк и Торнто.
Уште во март минатата година, „Гуливер“ (GullivAir) добила официјална дозвола од американското Министерство за транспорт да оперира со чартер и редовни летови од ЕУ до САД. Во март или април годинава компанијата, како што се наведува, ќе почне да лета на директна линија Софија-Њујорк. „Гуливер“ е овластен да лета директно и до меѓународниот аеродром „Пирсон“ во Торонто, Канада.
Како што пишува „Сега“, прекуокеанските летови ќе се изведуваат со три авиони „ербас А330-200“, кои ќе летаат до „Џон Ф. Кенеди“ во Њујорк, првично двапати неделно, во среда и петок. За да имаат економска исплатливост на кратките летови, тие ќе се вршат со мали авиони – компанијата има двомоторен „АТР-72“, а цената на летот, како што се вели, ќе биде до 50 евра.