Софија да се откаже од политиката на евентуална блокада на стартот на преговорите на Северна Македонија со Европската Унија, а земјава да покаже поголем капацитет за објективен пристап во однос на историјата, бараат Бугарите кои живеат во Македонија, обединети во Бугарскиот културен клуб – Скопје.
Тие испратија Меморандум до премиерите на Северна Македонија и Бугарија, Зоран Заев и Бојко Борисов, германската канцеларка Ангела Меркел, чија земја е актуелен претседавач на ЕУ, претседателката на Европската комисија Урсула Фон дер Лајен, претседателот на Европскиот парламент, Давид Сасоли, во кој предлагаат да се донесе патоказ во однос на работата на македонско-бугарската Мешовита комисија за историски и образовни прашања.
Целта на предложениот патоказ е двете земји да се вратат на патот на соработката кој е согласно Договорот за пријателство, добрососедство и соработка.