Бугарите со петиција за поддршка на Гарванлиев: Поради сексуална ориентација и бугарска националност е дискриминиран!

by Fokus

Додека од вчера е актуелна онлајн петицијата насловена –Васил Гарванлиев да не ја претставува Македонија на Евровизија 2021, која за еден ден ја потпишале над 15.000 граѓани, од денес на истата платформа, Change.org е активна уште една петиција поврзана со нашиот евровизиски претставник.

Станува збор за петиција насловена – Да го поддржиме Васил Гарванлиев, да покажеме дека не е сам, а истата ја покренала, како што е наведено, извесна Ива Симеонова од Бугарија.

-Помогнете ми, за да му помогнам! Васил Гарванлиев е професионален пејач, обвинет и дискриминиран поради неговата сексуална ориентација и бугарска националност. Има петиција против него, да го спречат неговото учество на Евровизија. Не е фер. Таквите акции се против неговите човечки права. Секој кој го слушнал како пее е воодушевен, дури и вљубен – наведено е во новата онлајн петиција.

Истата ја потпишале околу десет поддржувачи на Гарванлиев досега. Музичарот вчера на јавноста и ги појасни деталите околу неговото бугарско државјанство, поради кое веќе неколку дена наназад е мета на напади. Порача дека тој е музички амбасадор и немал намера да повреди никого.

-Во музиката нема религија, политика, ориентација, раса или боја. Не се извинувам затоа што јас, сум јас. Немав избор околу тоа. Како и да е, ако сум повредил некого на било кој начин, од дното на моето срце, жал ми е. Простете ми – изјави струмичанецот, кој изминативе денови доби голема поддршка од неговите сограѓани, но и од поголем број на јавни личности.

Поголемиот дел од неговите колеги пак, се огласија со низа на критики на сметка на Гарванлиев на социјалните мрежи. Од страна на јавноста актуелни се голем број на навреди и дискриминирачки објави, како и говор на омраза, адресирани до музичарот, кој со денови наназад е изложен на јавен линч.

Вики Клинчарова

Поврзани новости