Бугарските пратеници претпладнево ќе остварат нов обид, деветти по ред за избор на претседател на Парламентот, јави БТА.
Минатата недела тие повторно не успеаја да изгласаат шеф на законодавниот дом.
Во петокот ГЕРБ-СДС ја смени тактиката – лидерот на ГЕРБ Бојко Борисов објави дека ја повлекуваат кандидатурата на нивниот кандидат Раја Назарјан и ќе ја поддржат Наталија Киселова, која е предложена од „БСП- Обединета левица“. Услов беше левицата да собере мнозинство без „Преродба“ и „ДПС-Нов почеток“.
Во вториот круг беа Киселова и Силви Кирилов од „Има таков народ“, но и двајцата не го собраа потребниот број гласови поради што – денеска ќе биде деветти обид за избор на претседател на Собранието.
Во меѓувреме, во неделата се појави уште еден кандидат за функцијата – националното раководство на „Демократите за силна Бугарија“ (ДСБ) им предложи на своите коалициски партнери „Да, Бугарија“ и „Продолжуваме со промената“ заедничка кандидатура на коалицијата да биде Атанас Атанасов.
Коалициските партнери ја поддржаа идејата, а од првата политичка сила од последните избори – ГЕРБ-СДС изјавија дека доколку се постигне редовна влада, премиерот мора нужно да биде од првата политичка сила.