Бугарија проверува дали основачот на бугарскиот клуб во Струга е натепан од омраза, според МВР бил нарушен јаваниот ред и мир

by Fokus
Бугарските медиуми на тепачка во која е повреден еден од основачите на бугарскиот клуб „Шемето“ во Струга Бекир Кадриески, му даваат етнички предзнак. Тој бил натепан од маж од стрѕшко село, а од МВР велат дека станува збор за нарушен ред и мир.

Министерството за внатрешни работи на Македонија потврди дека еден од основачите на бугарскиот клуб во Струга, Кадриески бил претепан од маж од струшко село, но дека се работи за „нарушување на јавниот ред и мир“.

Според официјалните информации, Кадриески бил нападнат од А.Н., познат на одделението, а за случајот е отворена истрага.

„На 13.06.2023 година во 12.15 часот во ОВР Струга било пријавено дека во близина на спортска сала лоцирана на улица ‘Боро Хаџиески’ во Струга, А.Н. од струшкото село Велешта го нарушил јавниот ред и спокој со физички напад врз Б.К од село Лабуништа. Се преземаат мерки за расветлување на околностите на случајот, по што СВР Струга ќе издаде соодветна пријава“, се вели во соопштението на македонското МВР.

МВР засега не верува дека се работи за етнички мотивиран напад

Бугарскиот портал „Нова“ и стави етнички предзнак на тепачката која ја имал Кадриески. Лицето кое е македонски државјанин го опишува како Бугарин, но без документи. Тие тврдат дека Кадриески бил навредуван. По инцидентот тој е однесен во струшката болница. 

„Тој нема бугарски пасош, но изјавува дека има бугарски идентитет“, пишува „Нова.бг“.

Бугарското Министерство за надворешни работи добило информација за тепачката и соопшти дека вработен во Генералниот конзулат во Битола бил испратен и сега се наоѓа во Струга, за да утврди дали нападот е поради „омраза кон лицата со бугарска самосвест“.

„Во моментов се расчистуваат фактите околу случајот, велат од бугарската дипломатија“, објавија тамошните медиуми

Од клубот пак велат дека Кадриески бил мета и нападнат одзади поради неговата етничка припадност и самоопределување и дека има повреди во пределот на стомакот и градниот кош.

Покрај медиумите во Бугарија, со реакција за случајот се огласи и партијата ГЕРБ на Бојко Борисов која го окарактеризира инцидентот како брутален чин на насилство врз државјанин на „Република Северна Македонија со бугарски идентитет“.

Поврзани новости