Во пресрет на состанокот на Европскиот совет на 15 октомври на кој се очекува да биде донесена јасна и суштинска одлука за отворање на пристапните преговори со Северна Македонија, официјална Софија вчера до Скопје испорача предупредување дека бугарската поддршка за нашата земја не треба да биде безусловна. Разликите во изнесените ставови на претседателот Румен Радев и на премиерот Бојко Борисов е во тајмингот кога да бидат поставени условите – првиот инсистира тоа се направи на самиот почеток од преговарачкиот процес, а вториот дека тоа може да се стори во текот на процесот за време на кој на Бугарија и се располагање 71 инструмент во преговорите по поглавјата.
На консултативната средба, која на иницијатива на Радев се одржа вчера во бугарската престолнина, на која присуствуваа премиерот Борисов, вицепремиерката и шефица на дипломатијата Екатерина Захариева и министерот за одбрана Красимир Каракачанов, а на која се разгледувале односите на Бугарија со Северна Македонија во контекст на евентуална одлука на ЕУ за почеток на преговори со официјално Скопје, според бугарскиот претседател, била постигната принципиелна согласност дека е потребно итно дејствување за да се изгради национален став со јасни барања и критериуми, кои ќе ги заштитат бугарските национални интереси.
Радев смета дека треба да бидат поставени „црвени линии“ кои ќе гарантираат дека европската интеграција на Република Северна Македонија нема да биде на сметка на употребата на бугарската историја, јазик и идентитет. Тој оценува дека е потребно на самиот почеток на преговарачкиот процес отворено да бидат поставени услови, од кои ќе зависи преминувањето во следната етапа од преговарачкиот процес.
– Една таква отворена, фер и конструктивна позиција не само што ќе го заштити бугарскиот национален интерес, туку ќе биде од корист и за ЕУ, затоа што нема да дозволи внесување на меѓусоседски проблеми во европското семејство и ќе ја покаже зрелоста и одговорноста на Бугарија за стабилноста на Унијата. Исто така, ќе биде од особена корист за самата Република Северна Македонија, бидејќи јасно ќе воведе европски критериуми и одржливост на процесот на европска интеграција, рече бугарскиот претседател.
Бугарскиот премиер Борисов, пак, по средбата истакна дека секогаш истакнувале дека Северна Македонија може да смета на Софија за ЕУ, но никогаш не кажале дека безусловно го поддржуваат нејзиниот прием.
– До вчера велевме дека сме братски народи, нека не продолжува братоубиствената војна од пропагандата во Скопје зашто ние поблизок народ и луѓе немаме. Да ја запреме Северна Македонија на патот кон ЕУ, тоа ќе биде запишано во историјата дека сите 27 земји ги поддржале, а само Бугарија ги запрела. Ние сакаме и Албанија да оди заедно со Северна Македонија. Но, никогаш не сме кажале дека безусловно го поддржуваме влезот во ЕУ. Имаме на располагање 71 инструмент во преговорите по поглавјата. Да не си играат со историјата и минатотото и да се концентираат на иднината, кажа Борисов.
Премиерот Зоран Заев, пак, на вчерашната прес-конференцијата во Владата одговорајќи на новинарско прашање за позицијата на Софија кон евроиинтеграцијата на земјава изјави дека верува дека нема потреба за загриженост по алармот и пораките што се испраќаат од Бугарија, и дека е можно брзо да се најде решение на отворените прашања со бугарската страна.
-Ние потпишавме договор во кој прифативме дека имаме заедничка историја, а секако дел од историјата ни е посебна на двете земји, и во тој дух јас верувам дека комисиите ќе изнајдат решение…Комисијата е стручна и е направена за да ги дефинира работите. Нашите укажувања се да преземат храбри чекори, засновани на фактите и на вистината. Фактите и вистината се јасни и апелираме да се изнајде решение и верувам дека не е доволно само нашата страна да има волја за тоа, треба и страната од Бугарија, рече Заев.
Тој верува дека и ова поглавје од историјата ќе биде надминато и информираше дека до сега се решени четири историски периоди со шест или седум значајни личности кои заедно ги чествуваме дел од тие периоди.
-Политички покажавме и со договорот дека сме за соработка со Бугарија и продолжуваме во тој правец. Верувам дека и ова поглавје од историјата за кое се разговара ќе биде надминато. Целта ни е да го зајакнеме пријателството и добрососедството. Очекувам дека ќе биде најдено решение. Бугарија е еден од нашите најсилни поддржувачи во ЕУ, а верувам дека тоа ќе го покаже и со одлуката за добивање датум за преговори по 15 години кандидатски статус. Верувам дека нема потреба за загриженост, го примаме алармот и пораките што се испраќаат од Бугарија. Веќе работиме со комисиите, ќе имаме состаноци и ќе укажеме со конечна цел двете страни да бидат среќни и задоволни при постигнувањето на тоа решение, изјаво премиерот Заев.